Министерот за здравство Бујар Османи денеска ја посети Универзитетската клиника за детски болести каде оствари средба со раководството и претставници на здруженијата за цистична фиброза и на лица со низок раст.
На средбата беа соопштени проширувањето на позитивната листа на лекови со урсофалк сирупот наменет за лекување на цистична фиброза и одлуката да се зголеми буџетот на Клиниката со цел да се обезбеди хормон за раст во примарната листа на лекови. За овие потреби од буџетот ќе бидат одвоени 15 милиони денари на годишно ниво.
-
Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување продолжуваат чекор по чекор во напорите да создадеме систем ориентиран кон потребите на пациентите. Со денешната средба не завршуваат сите проблеми со кои се соочуваат овие пациенти со тешки заболувања, напротив, остануваат уште многу битки заеднички да ги решиме. Ова е само пример за еден партнерски однос, со цел да создадеме систем кој во центарот ќе го има пациентот и неговите потреби, изјави по средбата министерот Османи.
Според Снежана Бојчин, претседател на Здружението на болни од цистична фиброза, досегашниот третман на болните лица бил несоодветен, особено медикаментозното покривање на терапијата.
- Морам да кажам дека со последните измени се направи крупен чекор во третманот на болните со цистична фиброза. Ставањето на урсофалкот на позитивната листа на лекови и финансиското заокружување на инхалациската терапија од страна на Фондот и Клиниката за детски болести ќе значи едно големо приближување на третманот на овие болни кон европските стандарди, иако има уште многу проблеми што треба да се решат, рече Бојчин, додавајќи дека во моментот има 110 болни од ова заболување.